Во понеделник, на 25 септември, граѓанската иницијатива “Eко Герила Преспа”, во соработка со јавните институции од Општината, организира масовна еколошка акција за собирање на отпад и чистење на јавните простори низ Преспа. Акцијата ќе се одвива на повеќе локации, а ќе започне во 9:30 часот.
Локациите каде што ќе се чисти се: дворовите на петте основни училишта во Преспа (ОУ “Гоце Делчев” – Ресен, ОУ “Мите Богоевски” – Ресен, ОУ “Браќа Миладиновци” – Царев Двор, ОУ “Славејко Арсов” – Подмочани и ОУ “Димитар Влахов” – Љубојно), дворот на Средното училиште “Цар Самоил” во Ресен и спортско-рекреативниот центар “Починалиште”, Градскиот пазар во Ресен и околниот простор, Детскиот парк и околниот простор на крстосницата помеѓу улиците “Ленинова” и “Корчуланска” во Ресен, улицата “29 Ноември” од Сарајот до Агроплод, и патот од Ресен према Златари со механизација и соработка на “ЈКП Пролетер.”
За сите учесници ќе бидат обезбедени ракавици, ќеси за отпад и потребениот алат за работа.