Најново
Home » Интервјуа » Данче Павлевски: “Некогашните политички моќници, од лични интереси, не ја дозволија изградбата на обиколницата на Ресен”

Данче Павлевски: “Некогашните политички моќници, од лични интереси, не ја дозволија изградбата на обиколницата на Ресен”

Здружението на возачи – Ресен постои скоро четири децении, години исполнети со резултати кои обврзуваат за натамошни ангажирања во јакнењето на безбедноста во сообраќајот. Во рамки на Здружението работи и станица за технички преглед, која со својата целосна, модерна опременост, дава исклучителен придонес во зголемувањето на безбедноста на сообраќајот, посебно преку превентивно дејствување и унапредување на проверката на техничката исправност на моторните возила. Во организационата поставеност на Здружението на возачи – Ресен, беспрекорно и професионално работи и Авто Школа, во која досега успешно се оспособиле преку 7000 возачи.

На задоволство на читателите на ПреспаИнфо, наш соговорник е првиот човек на Здружението на возачи – Ресен, дипломираниот инжинер по сообраќај г-дин Данче Павлевски.

ipp

Данче Павлевски, дипломиран инжинер по сообраќај

PrespaInfo: Господине Павлевски, важите за човек кој многу добро ја познава проблематиката во сообраќајот. Со вашето искуство и желба, превентивата и безбедноста во сообраќајот отсекогаш сте сакале да бидат на повисоко рамниште. Што значи тоа гледано од ваш агол, од оваа позиција?

Павлевски: Точно! Отсекогаш сум сметал а и сега сум сигурен дека треба и мора повеќе да се вложува во превентивата за поголема безбедност на сообраќајот. Сведоци сме на наплив на возила со повисоки стандарди, со поголема моќност и брзина. Исто така, сведоци сме и на се поголемиот интерес за стекнување на право за управување со возила. Сето ова бара од нас, но и  од институциите кои можат и се задолжени да работат на полето на смалувањето на бројот на сообраќајните незгоди, поголема активност и мерки. Ова со однесува пред се на МВР, на образовните институции, на невладините организации. Се разбира , се однесува и на телата кои се наменски формирани за тоа, а тоа се Советите за безбедност на сообраќајот.

За жал, последниве дваесетина години, од осмостојувањето на нашата држава, сето ова го нема или постои, а не функционира.

Она што е во наша надлежност, тоа го правиме одговорно и професионално. Го потврдуваат тоа и резултатите од работење во сите овие изминати години. Во нашата Автошкола посебно место има програмата за едукација на кандидатите за возачи, каде што се посетува и теоретска настава, за што располагаме со солидно опремен кабинет, со сите надгледни средства, а имаме и сопствен автодром. Во Автошколата тоа е пракса наназад веќе неколку години и сметаме дека со квалитетна настава се принудуваат нашите кандидати да учат за да научат а не само за да положат. Разликата во овие поими е мошне голема! Почитувањето на патната сигнализација и сообраќајните правила и прописи не се само за да се положи возачкиот испит туку, во праксата, постојано да биде прерогатив на возачот,велосипедистот,пешакот.

Ова не е само флоскула туку нужност која, тоа е мое мислење, дава квалитет, но и превенција од сообраќајни незгоди, посигурно и поуспешно учество во сообраќај.

Би сакал да го споменам и следното. Возилото со кое се управува е потенцијален убиец , најпрвин само за себе ако е технички неисправно но и во раце на недоволно обучен возач, возач кој има склоности кон алкохол или психотропни супстанци, нервозен или нервно растроен возач.

За проверка на техничката исправност на возилата постои Станицата за технички преглед. Во неа, во било кој период од годината, може да се направи проверка на суштинските системи на возилото, системот за сопирање, управување и означување. За тоа имателот воопшто не е должен да плати!

На техничката исправност на возилата може, и најчесто се делува, но на односот на возачот кон себе си и кон другите учесници во сообраќајот, тешко може да се влијае. Како Здружение на возачи, пред надлежните институции сме иницирале повеќе прашања од интерес на сите граѓани за побезбеден сообраќај.

zdruzenienavozaciresenslider12

Станица за технички преглед Ресен

PrespaInfo: Современиот патен сообраќај со својата динамичност наметнува потреба одредени проблеми и прашања да бидат прецизно или појасно дефинирани и на посовремен начин решени. Како ја оценувате безбедноста на патниот сообраќај во нашата средина и како ги коментирате најновите измени во Законот за сообраќај?

Павлевски: Ние отсекогаш сме имале добри Закони за безбедност во сообраќајот, односно никогаш не ни фалела регулатива. Проблемите се во имплементацијата.Очигледно е, високите парични казни за прекршоци не даваат добри резултати.Соработката на оние кои ја составуваат пријавата (МВР) и оние кои треба да ја извагаат вината(судовите) не е на ниво кое е потребно. Платните налози се добар инструмент на санкционирање, но, не може секој да ги плати. Не може, за еден сообраќаен прекршок да се чека на пресуда повеќе од една година а тоа се случува.

Новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата е по западен терк, како и многу други закони.Тоа не е никаков проблем.Повторувам, проблемите се во имплементацијата.

Само еден пример.  Се бара да се постават камери во возилата со кои се врши обука на кандидати за возачи кои треба да бидат аудио-визуелни, односно да се снима она штоа се гледа и слуша. Но, на пазарот не постојат такви камери, односно постојат но се со никаков квалитет.Се снима целиот процес на поагање на возачкиот испит-тестирање,полигон, возење низ град. Сето тоа треба да обезбеди поголема објективност во оценувањето. Јас не знам таков пример некаде во Европа, но, ако со тоа се добива на квалитет, го прифаќам. Сепак, ми смета недовербата кон оние на кои сме им дале овластување да оценуваат.

Тоа е еден аспект. Мое лично размислување е дека треба да се обрати внимание на причините за настанување на сообраќајна незгода. Факт е, согласно статистиката, главна причина за настанување на сообраќајна незгода е неприлагодување на врзината на условите во сообраќајот, односно, човечкиот фактор.Токму заради тоа, сметам дека превентивата е основен начин со кој може и треба да се делува. Дали тоа ќе значи повторно воведување на сообраќајното воспитување во основните и средните училишта,вклучување на поголем број на активисти од невладините организации за пропаѓирање на безбедноста во сообраќајот или други форми на што помасовна едукација-не знам, но знам дека е минута до дванаесет да се преземе нешто од државата, односно од општеството.

PrespaInfo: На крајот сме на уште една календарска година. Што беше она што на сообраќаен план и’ даде белег на 2015 година?

Павлевски: Мислам дека во оваа година, на државен план, најважно е почетокот на градбата на новите автопатишта, најавата за ревитализација на магистралниот пат Битола-Буково но и почетоците на градба на патишта во наѓата цела држава. Мене тоа навистина ме радува! Дали распределбата по региони е онаква каква што посакувам – не е но кај и да се гради пат, за мене е добра вест! Ако, од 1990 година, односно ода нашето осамостојување, се градеа само по 30 километри автопат, сега ке имавме изградени 600 километри.За жал. Не се градеа ни по 5 километри и, иако сега се градат повеке од 100 км, за нас тоа е малку.

Исто така, во 2015 година е донесен и Законот за безбедност на сообраќајот, ако не се лажам, има и европско знаменце.Тоа е важно а колку јас или браншата во која работам се сложува со одредбите на тој Закон, тоа е друго прашање! Секогаш имало а и сега има начини на допрецизи-рање на некои одредби, членови и сл.

На ниво на општина, го поздравувам осветлувањето на дел од сообраќајните крстосници,влезот на градот. Навистина тоа е добро за сите учесници во сообраќајот! Најавата за понатамошно осветлување на крстосниците во нашата општина е одлична работа! Исто така, интервенциите на дел од локалните патишта е работа која директно делува на безбедноста во сообраќајот.

Регистрацијата на тракторите, важен сегмент на учесници во сообраќајот, е работа која, во голем дел е завршена во нашата општина! Благодарение на соработката со локалната самоуправа,месните заедници и граѓаните, регистрирани се повеќе од 1000 трактори, регулирана е нивната сопственост и осигурување.Би сакал имателите на овие возила да продолжат со праксата да ги регистрираат и осигуруваат затоа што тоа е навистина во нивни интерес. Ние како наша општинска организација, ги намаливме до крајност цените за технички преглед а со тоа, сметаме, предизвикавме и поголем интерес.

PrespaInfo: Дали може да се биде задоволен со она што е постигнато досега и каде ќе бидат насочени наредните активности?

Павлевски: Знаете што? Искуството ме научи да не искажувам задоволство или незадоволство од постигнатото! Факт е дека, оваа година имаме најмногу возила со извршен технички преглед – скоро 3500, факт е исто така дека имаме најмногу пријавени кандидати за обука на возачи во последните неколку години.

Задоволен сум од тоа дека успеав да го задржам полагањето на вториот практичен дел да се одвива во Ресен, задоволен сум дека најголемиот дел од автошколите од Битола, полигонската настава и полагање ја извршуваат на нашиот полигон, задоволен сум….

НО, не сум задоволен што еден дел од имателите на возила  ги носат своите возила на технички преглед во Охрид. Во прашање е цената но и критериумите за вршење на преглед.

Во врска со критериумот-само технички исправно возило е гаранција за Ваша сигурност во сообраќајот!!!!!!

Во врска со цената, морам да информирам дека работиме со скоро иста цена на технички преглед. Разликата се јавува во манипулативните трошоци. Во Охрид, на нашите возила, односно на возилата од друга општина не им наплаќаат манипулативни трошоци од 550,00 денари заради тоа што странката врши само технички преглед. На возилата од Охрид и ние не им наплаќаме манипулативни трошоци  затоа што ги немаме. Ако се пресмета банкарската провизија на 7 уплатници по 35,00 денари, веднаш се изедначуваат трошоците. Значи, возилото кое доаѓа од друга општина го плаќа само техничкиот преглед а другите трошоци  сврзани за регистрација на возилото и манипулативните трошоци ги плажа во општината од која доаѓа.

Тоа значи дека, ако се соберат сите трошоци, разликата во регистрација на возило од нашата општина и општина Охрид изнесува околу 185,00 денари. Овде мора да се напомене и загубата во ДДВ и другите трошоци кои се приход на општината. Остануваат во Охрид. Но нашиот менталитет е таков па ако е и 20,00 денари поевтино, ќе го купиме од Битола или Охрид. Тоа е тоа!

avtoskolasliderslika21

Полигон за обука на кандидатите за возачи

PrespaInfo: Каква е вашата оценка за патната инфраструктура и сообраќајната сигнализација во Преспа?

Павлевски: Мислам дека на ова поле имаме многу работа! Ресен е транзитно место во кое транзитот на сите возила се врши по градски улици. Посебно се однесува на потегот Ленинова-Борис Кидрич-Јосиф Јосифовски. Тоа се улици со посебно оптоварување а со многу мал капацитет и квалитет. Посебно , улицата Борис Кидрич, по својата структура и изграденост, НЕ Е за сообраќај на тешки возила! При разминување со таквите возила секогаш постои опасност од судир.Мора многу внимателно да се разминете со таквото возило а уште поголем проблем е нивното меѓусебно разминување.

Локалните патишта, барем најголем дел од нив, се градени пред 40 години а на нив воопшто не се интервенирало.Времето го прави своето, добар дел од нив веке не се ни за запрежен сообраќај.

Наскоро, со донесување на новиот Правилник за населени места во кои може да се полага возачки испит, ќе се соочиме со нов проблем. Можно е , Ресен да не може да биде такво место поради немањето на крстосница со кружен тек на сообраќај и семафори.Ние имаме еден но , мислам, тоа ке биде премалку.Мора , во интерес на граѓаните, локалната власт да преземе нешто. Во моментов, семафорите се одржувани од фирма од Скопје на која половина од сумата ја плаќа Собранието а другата половина  Здружението на возачи-Ресен.

PrespaInfo: Има ли Ресен потреба од своја патна обиколница?

Павлевски: Со ревитализацијата на патниот правец Битола-Буково, неминовно се јавува потребата од ова размислување. Од аспект на транзитност низ градот, можеби трговијата ќе има некаква загуба, сметам мала, поради едносмерноста на улиците во летниот период, но Ресен ќе има голема полза од заобиколница од безбедносен аспект. Колизионите точки на транзитните улици, а ги има многу, во тој случај нема да постојат а со тоа, во голема мера ќе се зголеми сигурноста во сообраќајот. Кога се градеше патот Битола-Ресен, постоеше и проект за Заобиколница. Мислам дека тој и ден денес постои во  Државното претпријатие за патишта во Скопје. Реализацијата, тогаш, на тој пат не беше извршена поради силата на некои тогашни моќници кои на тој потег, односно на трасата на Заобиколницата, имаа свои овошни градини.

PrespaInfo: Што ќе им порачате на нашите сограѓани?

Павлевски: Пред се, сакам да им ја честитам Новата 2016 година на сите учесници во сообраќајот, на сите граѓани на нашата општина, да им посакам добро здравје и сигурност во сообраќајот!

Исто така, сакам да повторам дека, Станицата за технички преглед им стои на располагање на сите иматели на возила за вонредни технички прегледи на нивните возила. Уредите и опремата со кои е опремена Станицата се со врвни стандарди а добар дел од опрема со која располагаме не може да се најде во Станиците за технички преглед во Европа.

Нашето мото било , е и ќе биде …      ОД   ВАС   СМЕ,   СО   ВАС  СМЕ,  ЗА  ВАС  СМЕ!

Вас, на ПреспаИнфо, искрено Ви благодарам за можноста да ги искажам моите ставови во однос на овие прашања!

PrespaInfo: Господине Павлевски, Ви благодариме на одвоеното време за разговорот и Ви посакуваме многу успех во следната 2016 година!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Следи го PrespaInfo на Facebookschliessen
oeffnen
BirthdayWishess Harvey Specter Super Mario Games Online