Најново
Home » Најнови вести » Интервју со Проф. Д-р Анастас Џуровски – лидер на огранокот на ВМРО-ДПМНЕ во Ресен

Интервју со Проф. Д-р Анастас Џуровски – лидер на огранокот на ВМРО-ДПМНЕ во Ресен

На теми од општинското политичко секојдневие во пресрет на новата календарска година, денеска на PrespaInfo.com разговараме со Проф. Д-р Анастас Џуровски, претседател на општинскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ во Ресен.

anastas foto 2

Проф. Д-р Анастас Џуровски

 

PrespaInfo: Господине Џуровски, ВМРО-ДПМНЕ е водечка политичка партија, таа убедливо победи и во Ресен на последните локални избори. Во колкава мера се реализира она што и се пропагираше за време на изборната кампања, всушност, низ кои форми и активности дејствувавте во севкупниот општински опшествен живот?

Џуровски: Политичките програми и платформи на ВМРО ДПМНЕ се достапни јавно во секое време. Секој граѓанин може релативно лесно да провери што е ветено  и што е остварено како од Владата така и од Локалната власт. Сметам дека тука секое дополнително коментирање е одвишок. Не знам колку се достапни програмите на СДСМ и ако не се тогаш лесно може да види зошто тоа е така. Граѓаните се тие кои што проверуваат и оценуваат. Во Ресен партијата израсна во двојно посилна партија од политичките опоненти и мотор на сите политички збиднувања во градот. Изборните резултати  во изминатиов период на сите нивоа јасно покажуваат што ресенчани мислат за СДСМ и нивниот начин на работа.

PrespaInfoЕдна од најважните задачи на ВМРО-ДПМНЕ во овој мандат е економското јакнење на опшеството и подобрување на материјалниот живот на граѓаните. Што досега е направено на овој план во нашата средина?

Џуровски: Јасно е дека економијата е основна гранка и најмногу придонесува и за релаксирани политички односи и за сите останати општествени процеси. Во Ресен економските активности можеме да ги поделиме на три дела : земјоделие, туризам и индустрија. Во поглед на земјоделието сметам дека во времето на оваа политичка гарнитура е направено најмногу во изминатиов период на било кое ниво а круна на таквите активности е и изградбата на откупно дистрибутивен центар во Преспа, инвестиција која што очекувам да биде следена и од други такви слични инвестиции. Во поглед на туризмот веќе имаме две туристички развојни зони во најава како и некои помали инвестиции во туризмот иако на овој план претходно долго време не беше ништо превземено туку и она што го имавме беше уништено . Во рамките на индустријата секојдневно гледаме инвестиции во многу градови во државата и тоа мора да се признае е слика која што доскоро ја немавме. Инвеститорите покрај другото бараат и подостапна инфраструктура и голема и ефтина работна сила и оттука веројатно најчесто ги одбираат поголемите градови за нивни вложувања а кога се работи за сопствени пари на некого тогаш никој не може да носи одлуки во негово име. Сепак гледајќи го засилениот број на инвестиции во државата и постојаниот пораст на бројот на заинтересирани странски компании за Ресен и неговата индустриска зона мислам дека прашање на време е кога кај нас повторно ќе имаме некоја конкретна најава за некоја странска инвестиција покрај откупниот центар, иако секојдневно има заинтересирани странци. Исто така би требало да ни биде јасно дека никоја не доаѓа во Ресен да инвестира бидејќи нас многу не сака или од милосрдие туку за да оствари профит.

PrespaInfo: Урбанизмот и комуналната политика се едни од главните фактори во развојот и напредокот на Преспа. Изнесете ги Вашите гледишта по ова прашање?

Џуровски: Јас би додал и дека Преспа е урбана општина со долга традиција, пиетет кој што треба да се чува и негува. Долги години наназад ние како партија имавме впечаток како инфраструктурата не беше приоритет на власта на СДСМ. Денеска имаме сосем поинаква ситуација пред се благодарение на Локалната власт со асфалтирани повеќе од 10 патни правци во населените места во Општината, значителен број на одводни мрежи и други покрупни зафати. Допрва не очекуваат и рекструкцијата на патниот правец Макази- Буково и поголеми вложувања во водоводната мрежа за кои што проекти се обезбедени сите неопходни ресурси.

PrespaInfo: Во секој парламентарен систем партиите што имаат блиски програми влегуваат во коалиција, како што е и сега. Во каква соработка сте Вие со општинските ограноци на коалиционите политички партии?

Џуровски: Соработката помеѓу коалиционите партнери ја дефинираат соодветните акти на партиите односно платформите за соработка како и коалиционите договори кои што се склучуваат на централно ниво. Јас би рекол дека покрај политичката комуникација во која што сме детерминирани од  претходно споменатото, во Ресен ние пред се мораме да имаме пријателска комуникација бидејќи Ресен е мал град  во кој живеат луѓе со исти потреби и интереси. –

PrespaInfo: Ја имаме ли потребната политичка култура за меѓусебна комуникација, разбирање и соработка по одредени прашања со опозиционите политички партии?

Џуровски: Некои наши самопрогласени опоненти имаат еден голем проблем. Тие  и самите увиделе дека на нивните ветувања повеќе никој не верува  па наместо да кажат што направиле и што ќе направат за Општината тие се обидуваат со лични навреди да не дискредитираат. Ние не сме идеални иако сме подобри од  опозицијата и за нас е прифатлива конструктивната критика но не и подлите и приземни напади.Уште повеќе со огромна доза на кукавичлук и криење. Сепак таквите работи не зборуваат за нас многу  туку за оние кои што во немање на попаметни работи со тоа се занимаваат. На крајот јавноста цени кој е кој. Нас никој  нема да не поколеба да го дадеме максимумот за градот и оваа разлика ја гледаат и ценат граѓаните на Општина Ресен.

PrespaInfo: Како го оценувате севкупното пулсирање во Преспа во 2014 и што треба да очекуваат граѓаните во следната 2015 година

Џуровски: Во оваа година се случи стартот со градба на откупно дистрибутивниот центар во Преспа како најважен проект за градот во изминатиов период.  Очекуваме негово скорешно завршување. Исто така во 2014 беа реализирани и бројни други инфраструктурни проекти. Едновремено овоштарите се соочија со сериозни проблеми поради најголемата елементарна непогода која што се случила во изминативе неколку десетици години во Преспа – градот кој уништи огромен дел од насадите. Иако согласно законската регулатива беше  дискутабилно колку за тоа се повикани да одговорат државните институции сепак тие максимално брзо одговорија почнувајќи од Општината која го подготви елаборатот преку Министерството за земјоделие па се до Владата и беше определено обесштетување.

Во контекст на очекувањата за 2015 јас би рекол дека граѓаните политички созрејаа многу во изминатиов период и повеќе не веруваат на ветувања туку пред се на конкретно и сработено. Така и мојата политичка партија нема да вети ништо што не може да го исполни т.е. нешто што е надвор од програмата на Владата и на Локалната самоуправа но затоа пред нас стои програмата во која што досега ретко кога се промашени некои рокови. За 2015 стојат туристичките зони како прва конкретна во туризмот во Преспа после 30 години ,нови инвестиции во патната инфраструктура, тениското игралиште за Ресенчани покрај неколкуте досега изградени и реконструирани спортски објекти,  кредитирање поддршка за самовработување и слично. На крајот би сакал на сите членови и симпатизери на партијата, како и на сите граѓани на Ресен и Преспа да им ја честитам новата 2015 година со желби за просперитет и успех!

Ви благодариме за разговорот и Ви посакуваме здравје и успех на сите полиња во наредната 2015 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Следи го PrespaInfo на Facebookschliessen
oeffnen
BirthdayWishess Harvey Specter Super Mario Games Online