Најново
Home » Интервјуа » Интервју со првиот човек на ФК Преспа, Г-дин Јованчо Рајчановски

Интервју со првиот човек на ФК Преспа, Г-дин Јованчо Рајчановски

ФК Преспа, иако клуб со најнизок буџет во лигата, но, со големо срце и победнички дух, со пожртвувани и ефикасни игри во сите 15 натпревари во есенскиот дел од првенството во 3-тата Македонска Фудбалска Лига – Југозапад, успеа да го задржи првото место на табелата со вкупно 35 освоени бодови и гол разлика од +33 гола.

IMG_20131013_151905

Претседателот на фудбалскиот клуб Преспа, Јованчо Рајчановски, оптимист дека овој тим од наредната натпреварувачка сезона ќе игра во Втората Македонска Фудбалска Лига. Неговиот оптимизам се темели на успешните и ефикасни игри на тимот што ги имаше во есенскиот дел од натпреварите богати со голови. Тоа е и повод за разговор со господин Рајчановски.

IMG_20131117_140537

ФК Преспа – ФК Кравари 6:1

PrespaInfo: Најпрвин честитки за освоеното прво место во полусезоната. Пред ФК Преспа сега стои голема обврска – да се задржи лидерската позиција до крајот на првенството, што ќе значи и учество во бараж-натпреварите за влез во Втората Македонска Фудбалска Лига. Господине Рајчановски, како го оценувате првиот, есенски дел од првенството?

Рајчановски: Најпрво, Ви Благодарам на честитките. Мислам дека заслужено го освоивме првото место со игрите кои ги прикажавме во текот на целата полусезона. Се надеваме дека овој тренд на добри игри ќе го задржиме и во пролетниот дел и ќе ги задоволиме очекувањата на сите искрени љубители на фудбалот во Преспа. Оваа полусезона дефинитивно беше една од најдобрите кои сме ги имале во последниве неколку години а навистина радува фактот што среќаваме многу луѓе кои потврдуваат дека ваква атрактивна и разиграна Преспа немало оддамна, а секако, доказ за тоа се и полните трибини кои оваа сезона ги имавме речиси на секој натпревар што го игравме дома.

IMG_20131117_132144

PrespaInfo:  Како ќе биде искористен периодот до стартот на пролетниот дел од натпреварите?

Рајчановски: Почнувајќи од Недела на 24 Ноември, кога на Градскиот стадион во Ресен е закажана фотосесија со играчите, предвидено е тренерот да даде одмор за играчите кој ќе трае се  до почетокот на припремите кои воглавно ќе се одржат во Ресен. Меѓутоа за разлика од играчите, ние од организацискиот тим заедно со стручниот штаб продолжуваме со работа и во меѓувреме треба детално да го подготвиме планот за припремниот период, секако, и да ги согледаме сите позитивни и негативни страни од првиот дел на сезоната и да се обидеме максимално да ги елиминираме сите мали недостатоци кои се појавија во функционирањето на екипата есенва, за пролетта да ја дочекаме максимално подготвени и спремни за големиот предизвик кој не очекува.

PrespaInfo:  Квалитетната клупа” може да биде решавачка во долгата и неизвесна првенствена трка кога се можни повреди и казни. Всушност како стоите со играчкиот потенцијал во тимот ?

Рајчановски: Со постоечкиот кадар сме максимално задоволни. Се надеваме дека екипата ќе остане во сегашниот состав и очекуваме дека играчкиот кадар ќе се засили со уште неколку квалитетни играчи од преспанскиот регион. ФК Преспа отсекогаш го собирала кремот на играчите од Преспа , па така е и сега. Од друга страна, секој оној фудбалер од општинава кој покажува солидни фудбалски вештини, својата потврда ја добива кога ќе стане играч на Преспа.

PrespaInfo: Дали клубот ја има поддршката од бизнис секторот во Општината?

Рајчановски: Моментално главни финансиери на ФК Преспа се Стењетекс, Хатекс и Румко. Меѓутоа со финансиски средства помагаат и доста помали фирми како: Неби Комерц, Делфифи, Бело Глувче, печатницата Мите Богоевски, ресторан Ѓердан, стаклара Христи и други фирми на кои им се извинувам што не се поединечно наброени. Во есенскиот дел добивме помош и од поранешниот играч на ФК Преспа, сега познат тренер, Ѓоко Хаџиевски, како и од Осигурување Македонија. Локалната самоуправа го спонзорира превозот за гостовањата. Се надеваме дека бројот на спонзори во пролетниот дел ќе биде уште поголем, со што финансиски би се зајакнал клубот, а тоа ќе значи и остварување на желбите на граѓаните на Преспа на Градскиот стадион да се гледа фудбал од повисок ранг.

PrespaInfo: Доколку не се најде решение за зголемување на буџетот на клубот, тогаш ФК Преспа би можела да се соочи со финансиски потешкотии кои би можеле да се пренесат и во играта и во резултатите, а Ресенчани и понатаму да гледаат третолигашки фудбал.

Рајчановски: Искрено се надеваме дека бизнис заедницата од Преспа ќе ја препознае оваа голема шанса за ФК Преспа, и би рекол за целата Општина, па во рамки на своите можности ќе го даде својот придонес во идејата Ресен да го направиме спортски град со свој фудбалски претставник во повисок ранк кој ќе овозможи создавање на модел за правилен развој на ресенските спортисти и воопшто целата младина. Силен, добро организиран, победнички тим – носи победнички спортисти , воопшто победничка младина, што значи, Победнички дух – за целата општина !

Финансиски потешкотии во врска со натпреварувањето во Третата Македонска Фудбалска Лига нема да има, но доколку се остварат нашите желби – влегување во Втората Македонска Фудбалска Лига, е тогаш се потребни поголеми финансиски средства.

PrespaInfo: Какви услови за игра пружи Градскиот стадион во Ресен? Ќе се менува ли локацијата?

Рајчановски: Моменталната ситуација на Градскиот стадион е лоша затоа што играат многу екипи, а одржувањето е само на ФК Преспа, која со ваква финансиска ситуација може да алоцира минимум ресурси. ФК Преспа е против менување на локацијата, но локалната самоуправа би можела да се ангажира во одржувањето на постоечкиот Градски стадион.

PrespaInfo: Задоволува ли организационата поставеност на Општинскиот Фудбалски Сојуз, може ли оваа лига да биде расадник на играчи кои би се регрутирале во клубовите од повисок ранг и конечно во Ресен да се гледа второлигашки фудбал, а зошто не и прволигашки?

Рајчановски: Во Преспа има голем фудбалски потенцијал кој се покажува преку примерот на ФК Преспа во чии редови играат фудбалери од нашето подрачје кои предходно играле за тимови од Општинската Лига. Во моменталниот состав на ФК Преспа играат само четири играчи кој не доаѓаат од нашата Општина. Општинската Фудбалска Лига, во секој случај, има значајно место за развој на фудбалот во Преспа, прибирајќи ги младите фудбалски теленти скоро од сите населени места во Општинава и навистина сметам дека оваа лига може да биде расадник на квалитетни играчи кои својот напредок во кариерата ќе го градат и во нашата екипа. Вратите на ФК Преспа се секогаш отворени за овие фудбалери.

PrespaInfo: Благодариме за разговорот.

Рајчановски: Ми беше чест и задоволство да разговарам со екипата на PrespaInfo.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Следи го PrespaInfo на Facebookschliessen
oeffnen
BirthdayWishess Harvey Specter Super Mario Games Online