Најново
Home » Живот » Инвестиционите зафати предизвикаа Ребаланс на буџетот на Општина Ресен за 2015 година

Инвестиционите зафати предизвикаа Ребаланс на буџетот на Општина Ресен за 2015 година

Многубројните инвестиционите зафати превземени од локалната власт се причина за Ребаланс на буџетот на Општина Ресен за 2015 година. Тоа е повод за разговор со раководителот на секторот за финансиски прашања Никола Гештаковски.

niko (2)

ПреспаИнфо: Г-не Гештаковски, дознаваме дека општината Ресен работи на изготвување на измени и дополнувања (Ребаланс) на Буџетот на Општина Ресен за 2015 година, кои се причините за правење на корекции во буџетот?

Гештаковски: Во почетокот на 2015 година Општина Ресен изврши доисплата на реализираните започнати инвестиции од претходната 2014 година и изврши исплати на нови капитални инвестиции започнати, а некои и целосно реализирани во 2015 година.

Беа доисплатени завршените инвестициони зафати: Асфалтирање на патот до откупниот центар во и.з. „Макази“; Асфалтирање на патот с. Јанковец – манастир Св Никола и Изградба на фекална канализација во с. Д. Б. Црква.  Во оваа година се извршени исплати (некои и целосно исплатени) по започнати или целосно завршени инвестициони зафати: асфалтирање на 2 улици во с. Сопотско, 2 улици во Ресен – “Славејко Арсов“, асфалтирање на пат во нас. „Пролет“,  довод на електрична енергија за новата плажа во Стење и за канализационата мрежа во Д. Б. Црква,  набавената урбана опрема за детски игралишта (забавни паркови) во Ресен- во населбите „Црквиште“ и „Пролет“  и во ОУ „Гоце Делчев“ и едно во с. Болно, извршени се исплати за експроприрано земјиште за проширување на градските гробишта, санирањето на ударните дупки на локалните патишта во површина од 5.500 м2, речиси целосно исплатени изградените тротоари во Ресен, изготвената планска и техничка документација и т.н. За  капитални инвестиции до 30.06.2015 година, од Основниот буџет на Општина Ресен се исплатени 17.636.108,00 денари, а ако кон тоа се додадат и извршените капитални расходи од проектот “Унапредување на енергетската ефикасност“ во износ од 1.950.613,00 денари, или вкупно се исплатени 19.586.721,00 денари за капитални инвестиции од Буџетот на општина Ресен.

Во овој период повеќе општини подготвуваат ребаланс на своите буџети, поради нереализирани планирани активности, прераспределба на планираните средства заради нецелосно реализирање на претходно планирани активности, заради натфрлување на планираните приходи и др.

Општина Ресен пристапи кон изготвување на Ребаланс на буџетот за 2015 година заради зголемување  на капиталните инвестиции кои не беа предвидени при изготвувањето на буџетот за 2015 година, а кои ќе го зголемат Основниот  и вкупниот буџет на Општина Ресен. Во донесениот буџет за тековната 2015 година, капиталните инвестиции учествуваа со 36,05% во Основниот буџет, што претставува висок процент наменет за инвестициони активности, поради што истиот може да се окарактеризира како развоен буџет. Со новите инвестициони зафати општината Ресен предвидува да го натфрли реализираниот износ на капитални расходи од 2014 година, кога беа реализирани (исплатени) 38.177.893,00 денари со учеството во Основниот буџет од 35,9%, што ќе претставува до сега, најголемо учество и најголем исплатен износ за инвестиции на Општина Ресен, износ и процент што укажува на развоен буџет кој доколку така продолжи и во наредните години ќе обезбеди добра перспектива и многу подобри услови за живот на населението на Преспа.

Во средината на месец Август 2015 година, од републичкиот Буџет, на Општина Ресен и` се одобрени три нови капитални проекти во вредност од 43.002.020,00 денари: Изградба на канализациона мрежа во с. Дрмени во износ од 19.980.782,00 денари; Проширување и асфалтирање на патот до с. Лева Река во износ од 6.190.907,00 денари и Реконструкција на плоштадот и регулирање на речното корито во с. Царев Двор, во износ од 16.830.331,00 денари. Наведените износи се без ДДВ, кој ќе го зголеми вкупниот износ за 18%, но исто така вкупниот износ може да се намали при електронското негативно наддавање. Воедно, на Општина Ресен и` се одобрени и три проекти со средства од ИПА фондовите, во вкупна вредност од 17.000.000,00 денари: Осветлување  на плоштадот во с. Царев Двор; Асфалтирање на пет улици во с. Долно Дупени и Реконструкција на водоводот во с. Сливница.

Од новите инвестициони зафати со вкупна вредност од околу 67,7 милиони денари, кои треба да се изведат во последниот квартал од 2015 година и во текот на 2016 година, произлезе потребата од прераспределба на предвидените средства во Буџетот за 2015 година (Ребаланс) и зголемување на планираните средства за капитални инвестиции. Со Ребалансот на Буџетот за 2015 година ќе се овозможи реализација на планираните активности во 2015 година, вклучувајќи ги и инвестиционите активности од наведените нови проекти. Се разбира потешкотии во планирањето и реализацијата на буџетот за 2015 година ќе ни причинат, во овој момент, немањето на точни термини за отпочнување со реализација на проектите, завршување на придружните административни работи, тендерирањето, временскиот период до избор на најповолниот понудувач, временските прилики во овој период од годината и сл.

Погоре, не ги спомнав инвестициите кои кои нема да предизвикаат промени во приходите и расходите на општинскиот буџет, како што се: замената на азбестните водоводни цевки кои ќе бидат финансирани со средства обезбедени од Европскака инвестициона банка во износ од околу 600.000 ЕУР, осветлувањата на клучките кај Т.Н. Претор и с. Наколец кои ќе бидат изведени преку ЦРППР, каде индиректно партиципира и општината Ресен и асфалтирањето на магистралниот пат  Битола-Ресен-Буково кој ќе биде финансиран со средства од републичкиот буџет. Тука треба да се споменат и проектите финансирани од УНДП кои се однесуваат на помали инвестициони зафати во износ од 11.000.000,00 денари, а кои се однесуваат на: надградба на системи за водоснабдување и намалување на загубите на вода во населените места Крани, Курбиново, Д. Дупени, Наколец, Јанковец и во нас. „Пролет“ и кон ул. „Славејко Арсов“ во Ресен, изградба на еко-паркови во с. Јанковец и с. Штрбово, како и прифаќање на фекални и атмосферски отпадни води во локалитетите “Пролет“,“Стара“и “Нова Слога“.

gradezni aktivnosti resen 122

ПреспаИнфо: Г-не Гештаковски, во каква кондиција е општинскиот буџет имајќи во предвид дека со примопредавањето на должноста на 11.04.2013 година, според наши сознанија беа наследени големи долгови. 

Гештаковски: На ден 11.04.2013 година, наследивме блокирана буџетска сметка во износ од 77.402.528,00 денари, односно вкупни неизмирени долгови во износ од 140.638.767,00 денари (со вклучени долгови од присилни извршувања за кои беше и сеуште е блокирана буџетската сметка) како и неизмирени обврски за превозни услуги во образованието во износ од околу 35.713.974,00 денари. Ако се земе во предвид дека реализацијата на Основниот буџет на општина Ресен во тоа време се движела од 49.000.000,00 до 58.000.000,00 денари, може да се види колкави биле тие оптоварувања за новиот Градоначалник и вработените во Општина Ресен.

На ден 31.12.2014 година, буџетската сметка на општина Ресен покажува минусен износ (блокада) од 55.843.361,00 денари, односно намалување за износ од 21.559.167,00 денари, во однос на затекнатата блокирана буџетска сметка од 11.04.2013 година. Што значи, општина Ресен покрај изведените инвестициони зафати во последните 2,5 години ( кои се поголеми од вкупно изведените во претходните 20-30 години) изврши намалување и на наследените долгови. Вкупните обврски од наследените 140.638.767,00 денари се намалени на износ од околу 95.000.000,00 денари (со вклучена блокирна сметка), како и обврските на училиштата по основ на превоз на ученици кои се речиси преполовени во однос на претходно затекнатите.

Само за споредба, покрај расходната да ја споменам и приходната страна на Основниот буџет на општина Ресен. За разлика од периодот 2009-2012 година кога реализацијата на приходите на Основниот буџет на општината Ресен се движела од 49.722.375,00 денари во 2009 година до 58.460.260,00 денари во 2012 година, во 2014 година реализацијата на приходите на Основниот буџет достигна износ од 109.188.618,00 денари. Доколку бидат реализирани предвидените инвестициони активности во 2015 година во процент од 35-40%, може да очекуваме реализацијата на Основниот буџет да го надмине и до сега најуспешниот општински буџет од 2014 година.

Но, мора да се напомене дека Општина Ресен сеуште работи со блокирана сметка и со одобрен судски месечен лимит, како и со долгови од изминат период (пред 11.04.2013 година) по кои сеуште нема конечни судски пресуди со можност од присилна наплата, како и од допресметување на затезни камати при исплата на главницата од долговите кон доверителите за кои е блокирана трезорската сметка на Општина Ресен.

ПреспаИнфо: Дали Општина Ресен се движи во вистинска насока?

Гештаковски: Сметам дека Општина Ресен е на правиот пат и во овие 30-тина месеци покажа како треба да се работи домаќински и со заштеди и доколку вака продолжиме со ова темпо, во наредните неколку години Преспа не ќе може да се препознае со Преспа од пред 11.04.2013 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Следи го PrespaInfo на Facebookschliessen
oeffnen
BirthdayWishess Harvey Specter Super Mario Games Online