Најново
Home » Живот » По трагите на Скиртијана

По трагите на Скиртијана

Преспа отсекогаш претставувала своевиден рај на Земјата кој има прекрасни услови за живот – родни полиња, преубави планини, прекрасно езеро и совршена клима, затоа не чуди фактот што луѓето уште од најрани времиња се одлучувале ова парче земја да го наречат свој дом. Доказ за ова се големиот број на населби кои се развиле тука во текот на историјата, а меѓу нив свое место има и античкиот римски град Скиртијана кој се развил како попатна станица на еден од најважните патишта во Империјата – Виа Егнација. Овој град има свое незаменливо место во колективната свест на Преспанчани како прва поголема населба во овој крај, место за кое секогаш се зборува со еден посебен жар и интерес, голем дел од приказните поврзани со овој град обвиен во мистерија навлегуваат и во сферата на фантастичното, на нереалното. Но и покрај огромната важност на оваа населба за преспанската јавност, и покрај релативно сигурната локација на која се наоѓа, таа никогаш не подлежела на археолошко истражување. Зошто?

Затоа се надевам дека со оваа статија, барем малку ќе ги “размрдам” работите и ќе предизвикам некаква дискусија на ова прашање и се надевам дека во скоро време и ќе видиме накаква “акција” од надлежните.

Како прво треба да се запознаеме со главната причина за развојот на Скиртијана, патот Виа Егнација. Овој пат, изграден во втората половина на вториот век од старата ера, претставува еден од најважните инфраструктурни зафати на Римјаните кој ќе одреди еден милениумски правец на комуникација Исток – Запад, помеѓу јужниот Јадран со центар во Дирахиум (Драч), преку северниот Егеј со Тесалоника (Солун), па се до Бизант (Константинопол/Цариград/Истамбул) на Босфорот. Еден голем дел од патот поминувал низ Македонска територија опфаќајќи ги поголемите градови како Лихнид (Охрид), Хераклеја Линкестис (Битола), Едеса, Пела, Тесалоника, Амфипол…, и попатните станици меѓу кои се наоѓала и Скиртијана како станица на делницата Лихнид – Хераклеја.

Виа Егнација

Виа Егнација

На оваа делница, која скоро се совпаѓа со денешниот патен правец Охрид – Битола, покрај Скиртијана, се наоѓеле и станиците Бруцида (во близина на месноста Буково) и Никеја/Кастра (во околината на селата Кажани и Доленци во Цапарското Поле), па така патниот правец бил: Лихнид – Бруцида – Скиртијана – Кастра (Никеја) – Хераклеја.

Покрај главната траса на Егнацискиот пат Лихнид-Скиртијана, која поминувала преку Бруцида и по која и денес води патот Охрид –Ресен, постоела уште една, споредна, јужна, пократка патека која водела преку Петринска Планина и денешното село Евла, но поради нејзината стрмност, таа била користена само како караванска патека за транспорт на помал товар.

Кај Скиртијана, на Виа Егнација се надоврзувал и споредниот Епирски Пат кој ја поврзувал Корчанската со Преспанската котлина и патот кој водел од населбата Сидеро Кастрон, позната и како Железнец во близина на истоименото село во Општина Демир Хисар.

Се претпоставува дека името на Скиртијана доаѓа од името на племето Скирти (Скиртари, Скиртони) кои живееле на границата помеѓу Македонија и Илирија.

За важноста на Скиртијана говори и фактот што таа се појавува и на неколку стари карти на Македонија од XVII и XVIII век, меѓу кои и на:

– “Карта на Македонија” од Јоан Блеу, XVII век;

– “Карта на Македонија, Епир и Ахаја” од Жерард Меркатор и Јодокус Хондиус, XVII век;

– “Карта на Македонија” од Џакомо Кантели Да Винњола и Џакомо Џовани Роси, XVII век; и

– “Карта на Македонија” од Желаум Делисле, XVIII век.

Скиртијана на карта од: 1. Да Вињола и Роси, XVII век; 2. Желаум Делисле, XVIII век; 3. Маркатор и Хондиус, XVII век; 4. Јоан Блеу, XVII век.

Скиртијана на карта од: 1. Да Вињола и Роси, XVII век; 2. Желаум Делисле, XVIII век; 3. Маркатор и Хондиус, XVII век; 4. Јоан Блеу, XVII век.

Но, поради непрецизноста на овие карти (гледано од денешен аспект), тие, за жал, не можат да ни помогнат во подеталното лоцирање на Скиртијана.

За точната локација на Скиртијана има повеќе теории, некои велат дека се наоѓа кај Крушје, други ја лоцираат кај Ресен, но со голема сигурност може да се каже дека вистинската локација на Скиртијана е во околината на селото Козјак, кај месноста Макази.

До овој заклучок се доаѓа базирајќи се врз Антониновиот Итинерариум (регистар на попатните станици и одалеченоста помеѓу нив за главните патишта во Римската Империја составен во III век од н.е.). Според овој регистар, станицата Скиртијана се наоѓала на одалеченост од 27 римски милји од Лихнид, односно 40 километри. Имајќи го во предвид ова растојание, локацијата на Скиртијана се совпаѓа со месноста Макази.

Виа Егнација - рута Лихнид-Хераклеја (приближно) и веројатната местоположба на Скиртијана (обележано со звезда)

Виа Егнација – рута Лихнид-Хераклеја (приближно) и веројатната местоположба на Скиртијана (обележано со звезда)

Селото Козјак и околината

Селото Козјак и околината

Местото од интерес

Местото од интерес

Следниот логичен чекор во истражувањето на оваа локација како можна за Скиртијана е да се увиди дали местото “дало” некакви археолошки наоди од римскиот период.

Па така и покрај тоа што Макази е најважната сообраќајна крстосница во Преспа што ги поврзува патните правци Битола-Ресен-Охрид и Битола-Преспанско Езеро и дека во околината на Козјак имало долгогодишна замјоделска дејност, поради што постои можност дека голем број на археолошки наоди се уништени, на оваа локација се забележани повеќе наоди од археолошко значење од римскиот период, и тоа:

– На околу 1 километар источно од Козјак се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и множество градежен материјал;

– Во југоисточниот дел на селото, од левата страна на патот Макази – Маркова Нога, во 1956 година се откриени и уништени повеќе гробови и темели од повеќе објекти;

– Во северозападниот дел од селото постојат остатоци од патот Виа Егнацијa;

– Мермерна плоча од римско време на која е претставен Аполон кој во едната рака држи нејасен предмет, и под него седи четириножно животно – пантер?;

– Во црквата “Св. Ѓорѓи” во Ресен постојат две надгробни мермерни плочи, од кои едната е вградена во подот, а другата во западниот ѕид од надворешната страна. На плочите рељефно се претставени маж и жена. Плочите биле донесени од околината на Козјак.

Парче керамика пронајдено на локацијата од интерес за време на една моја "теренска обиколка"

Парче керамика пронајдено на локацијата од интерес за време на една моја “теренска обиколка”

Сите овие сознанија укажуваат дека на оваа локација постои нешто што би било од археолошко значење (можеби не во државни рамки, но сигурно во општински, регионални), веројатно Скиртијана, па така следниот чекор треба да биде направен од надлежните служби, најпрвин теренско и геофизичко испитување на местото, па доколку тоа вроди со плод да се премине на ископување. Откривањето на овој локалитет, покрај своето научно значење, би имало и позитивен ефект врз туристичката понуда на еден туристички регион каков што е Преспа, особено кога се има во предвид постоењето на важни сообраќајници веднаш до местото кои ќе овозможуваат лесен пристап до локалитетот, а самиот локалитет би ги привлекувал љубопитните патници да направат мала пауза и да го разгледаат.

Автор: Игор Ефтимовски

Istoriski-Blog-2-1024x105

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Следи го PrespaInfo на Facebookschliessen
oeffnen
BirthdayWishess Harvey Specter Super Mario Games Online