Најново
Home » Најнови вести » Стрезовски му ја честиташе победата на Гошаревски

Стрезовски му ја честиташе победата на Гошаревски

Досегашниот Градоначалник на Општина Ресен д-р Ѓоко Стрезовски, во обраќањето до јавноста преку својата Фејсбук страница, му ја честиташе победата на противкандидатот од минатонеделните локални избори Живко Гошаревски.

Во обраќањето се вели:

“Почитувани преспанчани,

Со оглед на исходот од неодамна одржаните локални избори во Република Македонија и искажаната волја на граѓаните на Ресен и Преспа, пред моментите на напуштање на функцијата Градоначалник на Општина Ресен, чувствувам должност и обврска, најпрвин да им се заблагодарам на сите граѓани на нашата општина, на оние кои на овие избори ми ја дадоа довербата мене како кандидат за градоначалник, но и на оние наши сограѓани кои гласаа за кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Истовремено, без разлика на околностите под кои се реализира овој изборен процес и инженерингот кој несомнено беше составен дел на истиот, моја човечка и граѓанска должност е да му упатам искрени честитки на г. Живко Гошаревски, идниот Градоначалник на Општина Ресен, човекот на кој мнозинството од граѓаните на општината му ја даде довербата во наредните четири години да ја води истата, посакувајќи му истовремено нему и на неговото семејство, многу здравје, среќа и успешно справување со предизвиците кои стојат на патот кон детектирањето на проблемите на граѓаните на Ресен и Преспа, но и фаќањето во костец со начините и модалитетите за нивно решавање.

Во овие денови на општествено-политичка трансформација и превземање на локалната власт, морам да потенцирам дека ми беше чест и задоволство што ми беше дадена можност и доверба во текот на изминатите четири и половина години да ја водам Општина Ресен, за што истовремено би сакал да им се заблагодарам на сите мои сограѓани, за искажаната поддршка и за довербата што ми ја дадоа. Истата, сакал тоа некој да го признае или не, сметам дека во целост ја заслужив, но и потполно ја оправдав.

Иако, на почетокот на мандатот, јас и тимот со кој ја водевме општината, наследивме локална самоуправа со блокирана буџетска сметка, со вкупни долгови од речиси 140 милиони денари, со долгови на основните и на средното општинско училиште по основ на неисплатени сметки за училишен превоз во износ од околу 36 милиони денари, а функциите на општината ги остварувавме преку користење на судски одобрен лимит, со особена гордост можам да им соопштам на моите сограѓани, дека во текот на мандатот успеавме целосно да го анулираме долгот на училиштата, но, истовремено и да го преполовиме вкупниот долг на општината.
Паралелно со искажаното, сакам да ги потсетам моите сограѓани на дел од она што успеавме да го реализираме во текот на мандатот, а за направеното најголем дел од граѓаните на Ресен и Преспа се согласуваат дека е повеќе од направеното во изминатите неколку децении заедно. Иако, на почетокот на мандатот ветивме дека ке реализираме 77 проекти, за четири и половина години, успеавме да реализираме над 180.

Реконструираниот градски водовод, по речиси шест децении, ќе остане како завет и благосостојба за нашите идни поколенија. Реконструираното и заменето со современи ЛЕД-светилки улично осветлување во Преспа, исто така го оставаме како наследство. Како што во наследство на идните поколенија ќе им ги оставиме и современите плажи во Стење и во Сливница, Музејот на Татарчеви, Мониторинг-центарот во Стење, тениското и повеќенаменското игралиште, фитнес-зоната и Излетничко-спортско-рекреативниот комплекс ,,Починалиште”, реконструираната улица ,,Мите Богоевски”, кејовите и шеталиштата во Подмочани и во Царев Двор, детските забавни паркови во Ресен, Јанковец, Сопотско, Болно, Асамати, Царев Двор, Штрбово, Долно Дупени…

На идните генерации им ги оставаме и 27-те километри нови локални патишта и улици, 29-те километри реконструирани регионални и магистрални патишта низ Преспа, вклучително и главната сообраќајна артерија Битола-Ресен-Буково, новите патишта кои водат до манастирските комплекси во Подмочани, Грнчари, Јанковец…

Имајќи го секогаш на пиедестал императивот континуирано да го подобруваме квалитетот на живеењето на преспанчани, изградивме системи за фекална канализација во Наколец, во Горна и во Долна Бела Црква и во Дрмени, го реконструиравме водоводот во Сливница, а реализиравме и повеќе проекти од областа на подобрувањето на квалитетот на водоснабдувањето, како и низа комунално-инфраструктурни зафати во повеќе населени места во Преспа.

Во наследство на идните генерации оставивме и бројни капитални објекти во Преспа, како: Откупно-дистрибутивниот центар во Индустриската зона ,, Макази’’, станбената зграда за лица со низок социјален статус, Компостарата ( единствена на Балканот ), новиот Градски пазар, Градската капела, а речиси и да не оставивме ниту еден сообраќаен јазол во Преспа неосветлен.

Постојано се грижевме и за спортската инфраструктура, како и за подобрувањето на условите во петте основни и во средното општинско училиште, а изградивме и нов блок во Детската градинка во Ресен. Четири години се грижевме и преземавме низа мерки и активности за подобрување на квалитетот на животот на социјално загрозените категории граѓани, како и на лицата со посебни потреби.

И токму затоа, почитувани Преспанчани. Заради сето напишано, но и не наведено но исполнето. Заради силниот инвестициски циклус, кој во текот на последниве 4 години донесе во Преспа речиси 40 милиони евра, главно капитални инвестиции. Но, и заради нашиот чесен и искрен однос кон граѓаните. Заради посветеноста кон Вашите проблеми и барања. Ја напуштам функцијата Градоначалник на Општина Ресен со високо крената глава и со кристално чиста совест. Со надеж дека идниот градоначалник и идниот раководен состав на локалната администрација ќе сработат барем дел од она што јас и мојот тим го сработивме во изминативе 4 години. Само така, Ресен и Преспа ќе одат напред, кон развој, кон просперитет и кон економски напредок.

На мојот наследник му оставам куп започнати проекти, од кои еден дел се доведени до самата завршница, а еден дел со веќе обезбедена техничка документација и обезбедени финансиски средства.

Да живее Ресен!
Да живее Преспа!”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Следи го PrespaInfo на Facebookschliessen
oeffnen
BirthdayWishess Harvey Specter Super Mario Games Online